Бугарските еколошки активисти со масовни протести ги спречија политичарите да усвојат контроверзен закон со кој се закануваше масовно уништување на шумите. Како што пренесуваат бугарските медиуми, екологистите организирани преку социјалните мрежи Фејсбук и Твитер го заземаа и два дена го блокираа познатиот Орлов мост во Софија во знак на протест против предлог-законот со кој требаше да се овозможи полесна изградба на ски центри и туристички објекти во заштитени природни подрачја на југот на земјата. По масовните протести претседателот на државата Росен Плевнелиев стави вето со образложение дека предлог-законот не е усогласен со европската легислатива. Плевнелиев заклучи и дека стравувањата на критичарите на законот најверојатно се оправдани и дека тој се коси со уставните начела и граѓанското право.
Предлог-законот предвидува можност за градење на скијачки терени, жичарници и хотели во заштитените планински и шумски предели без инвеститорите да имаат обврска да ја направат скапата и сложена пренамена на земјиштето во градежно. Инвеститорите и владата потребата за законот ја образложуваа со намалување на бирократијата со што бугарските ски центри би станале поконкурентни. Бугарскиот министер Мирослав Најденов се обиде да ги смири демонстрантите со тврдење дека скијачкиот туризам не е никаква опасност за животната средина и дека тој има значајна економска улога за неразвиените планински подрачја.
Приврзаниците на законот ги обвинија протестантите дека се финансирани од претставници на туристички организации од Германија, Австрија и Швајцарија за да ја спречат Бугарија да им стане конкурентна во зимскиот туризам.
Протестантите пак меѓу кои и активисти на Светскиот фонд за заштита на природата (WWF) се сомневаат дека зад законот стојат бизнис интереси и корупција на членови и бизнисмени блиски до владејачката партија на премиерот Бојко Борисов кои сакаат да ги приграбат овие подрачја.
Како што коментираат медиумите, спречувањето на законот е голем успех на екологистите, но и за културата на протести во земјата. Стопирањето на контроверзниот закон со блокирањето на Орлов мост во Софија е прв успешен протест организиран преку социјалните мрежи преку кои младата генерација го открила својот политички глас.
Извор – Новините/ Balkan magazin/Global voices









